Приказна за една стварност во присуство на отсуство *04 | Слобода на Умот
Subscribe Прикачи се | Subscribe Коментари RSS

Универзумот те гушка, те љуби и ја чувствува истата болка што ти ја чувствуваш на левата надколеница, плаче како што плачеш и ти, но сака да ти помогне да ја заборавиш таа болка, која сече и директно боли од ногата па до градите и завршува во темето на главата, ти дава отецот твој безброј ѕуници кои се вкрстуваат, бои кои не се видливи кога очите се отворени, безброј мешавини од звуци рајски. Но, ни таа убавина, ни таа стварност или илузија што ја прави отецот не може да ја намали болката во ногата и болката што те стега по оној сон хибриден од реалност и илузија… Низ главата ти минуваат моментите поминати со неверната љубовница од твојот мил и роден град Скопје. Одеднаш пред тебе се појавуваат родителите – молчат и бдеат над тебе, а ти лежиш и го гледаш универзумот, и потоа таткото твој белокос ти дарува тоблероне, исто такво какво што добиваше кога беше мал, кога тој се враќаше од ноќната смена ти буден го чекаше да ти го донесе… „И ти оди мисла во умот: „Дали знаат дека сум во оваа болница, дали знаат дека сум повреден?“

Молк, кој говори ништо, не ги слушаше ни гласовите, не мирисаше, само чувствуваше болка, силна… Потем се отворија твоите очи, на таванот од болничката просторија немаше ништо, светлината овој пат беше голем непријател, едвај собра сила да речеш оф… Дојде сестрата до тебе, ти става ново шише инфузија и се упатува да го викне дежурниот доктор. Го вртиш вратот и сфаќаш дека се наоѓаш под интензивна нега, дека сам си во карантин со премногу медицински апарати.

Доаѓа докторот а по него мрзливо се движи и анастезологот, кој требаше да го утврди количеството на дрога кое ќе го примиш. Над тебе доаѓа докторот и ти вели:

„Си имал среќа, дежурниот болничар слушнал офкање па ти укажал прва помош и го известил колегата од претходната смена, можело да искрвариш до смрт, затворени се оштетените крвни садови, сеа ќе мора да те оперираме, коската на ногата ти е напукната…“

Анастезологот го зема листот и се повлекуваат со докторот, по кратко време, се враќаат и во шишето со инфузија ти ја вбризгуваат дрогата… поминуваат десет минути и пред тебе пак се појавува отецот твој создател, темен и тивок како си оди и те напушта, те пушта во светлината, плачеш ти, плаче и тој…

Сува ти е устата, само што трепна и си замина универзумот а ти веќе си буден, со главоболка страшна, со крената нога поставена на држач со пранги и граници на движење, сваќаш дека операцијата е завршена… Болката пак се враќа, а ти плачеш како дете… Поминало многу време, операцијата траела долго, долго траело и твоето трезнење…

***

Чувствуваше таа дека нешто вибрира во нејзината чанта, тоа беше нејзиниот телефон кој најчесто за време на часовите беше исклучен, но овој пат брзата антилопа, госпоѓицата Марија го заборави…

„Простете“ – Им се обрати на подзаспаните студенти и се упати кон бирото каде што беше чантата.

Го зема телефонот, и слушаше некое време, потем нејзиното сериозно и ладнокрвно лице се згрчи, и се заблагодари за информацијата.

„Извинете, јас сеа морам да заминам, ќе го прекинеме часот, а ќе го продолжиме предавањево на наредниот час“ - ја зеде чантата и брзо како секогаш излета низ вратата речиси пред таа да се отвори…

По патот таа иташе повеќе од нејзиното итање, трчкаше со умот кон нејзиниот нов пријател за кого се грижи незнаејќи зошто, размислуваше од каде се побуди таа грижливост за чудниот колега. Влезе во болницата и се упати кон интензивната нега, не и дозволија да влезе, во тој момент Марко го изнесуваа во операционата сала, во салата каде многу срца не издржале, повеќето од нив не го издржаа отровот кој им беше вбризган од страна на Анастезиологот… Го изгледа со солзи, не знаеше зошто и течат тие солзи, не и беа течеле уште од детските денови… кога ја одминаа со подвижниот кревет, таа како да се криеше од нешто почна да ги следи, ги следеше до вратата на операционата соба, таму ја стопре црномурестата асистентка.

„До тука, забранет е влезот во операционата сала“ – го кажа тоа со монотониот нејзин глас, и ја затвори вратата…

Чекаше со часови упорно новата пријателка на Марко, не го чувствуваше товарот на самотијата и неизвесноста, околу неа гледаше само писоци и врисоци на повредени тела и души, имаше повредени од најмала исекотина па до најургентни случаи кога требаше да се вратат веќе отпишаните… Не го чувствуваше ни товарот на самотијата и молкот, седеше згрчена на столиците во ходникот, нозете нејзини долги беа собрани кај градите, и чекаше…

По неколку неизвесни часови, по неколку солзи неизвесни и агонични се слеваа на нејзиното лице, во тој момент излезе хирургот, ја беше тргнал маската од лицето, и иташе да земе здив од долгата операција, колку што иташе тој, два пати побрзо со антилопски од го стигна брзата убавица антилопа од степата Марија, го фати за раката и со нејзиниот поглед му постави прашање кое докторот го има слушнато секогаш од блиските на пациентите, се сврте тој и се насмевна, имаше позитивна жичка на неговото лице.

„Добар е, а и силен е, операцијата беше долга а тој успешно ја издржа, оди одмори се, нема да се освести до утре, дојди утре…“ – се сврте и замина докторот кој го оперираше Марко.

Марија се сврте зема голем здив, трансформираше пак во нејзината претходна положба која ја беше направено пред да се појави докторот.

Замина дома, нејзините тенки раце се тресеа додека ги отклучуваше неколкуте брави од влезната врата, уморно се движеше во загушливиот стан, се струполи само на тросетот и сетне заспа…

Сонот почна да владее со скршената Антилопа, ја тресеше како што пегастиот предатор ја тресе жртвата во саваната.



Напиши коментар

Име: (Задолжително)

eПошта: (Задолжително)

Сајт/Блог:

Коментар: